Условна казна му е изречена на гинекологот Мухамед Асани, затоа што во нелегална ординација во неговата куќа, давал здравствени услуги, а меѓу клиентите беше и родилката Јалдз Веапоска, која подоцна остана без органи. Ова е исходот од првата кривична пријава која ја поднесе Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а Веапоска во изјава за „Макфакс“ вели дека е задоволна од пресудата. Сега, гинекологот не смее да направи ново кривично дело во наредните четири години, во спротивно, ќе треба да лежи затвор од две години. Пресудата е изречена во струшкиот Основен суд.

Задоволна сум од исходот на случајот за нелегалната ординација, бидејќи му ја најдоа и го казнија за тоа што нелегално ме прегледуваше мене и сите жени во таа ординација. Таму имаше и други жени кои беа прегледувани. Верувам дека сум заштитила и други жени кои би отишле таму да се прегледуваат – вели Веапоска за „Макфакс“.

Пресудата доаѓа две години откако ДСЗИ изврши вонреден надзор во нелегалната ординација. Тогашната директорка на инспекторатот, Ирина Сотирова – Бухова, констатираше дека гинекологот Асани имал комплетна ординација, која не била регистрирана и поднесе кривична пријава. Веапоска за „Макфакс“ додава дека ова е само почеток.

Тоа е почеток, казната што ја доби од судот. Тоа му е прва пресуда. Дај Боже на пресудата за вадењето на моите органи, да се казни со затвор. Сакам повеќе да не е доктор. Да не осакатува други жени. Затоа и тргнав во оваа работа – додава родилката.

Мухамед Асани беше директор на струшката болница. По јавното обелоденување на случајот со Ваепоска, тој беше разрешен. Според родилката, тој и натаму работи во болницата и обавува обврски како доктор. Со оваа пресуда не му е изречена забрана за вршење дејност.

Ваепоска води уште една битка пред струшкиот суд. Тој се гони затоа што по породување со царски рез во струшката болница, и извадил три органи на Веапоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.