Семејствата и пријателите на младите битолчани кои лани загинаа во тешката сообраќајна несреќа на излезот од Охрид, бараат правда по првичната пресуда со која сторителот е осуден само на условна затворска казна. Во апелот од нивниот пријател, Стефан Мицевски, тој потсетува и дека покрај прерано згаснатите животи на Иван и Милан, во несреќата тешко се повредени Сташа, Исидора и Деспина, и дека и тие и сите нивни блиски и дененес живеат со последиците од тој судир.

Барам правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот!, пишува тој.

На 16ти август минатата година ме разбуди телефонски повик, по кој сите од сите телефонски повици во раните утрински часови добивам морници.
На истиот тој ден, некој човек чие име не го знам, а не сакам ни да го знам, одлучил дека ќе го стави на коцка сопствениот живот кога тргнал од Охрид кон Свети Наум возејќи со БАРЕМ дупло поголема брзина од онаа која е пропишана на тој пат, не коцкајќи се само со својот туку и со животите на сите оние кои учествувале во сообраќајот на патот таа ноќ.
На огромна несреќа забрзаниот автомобил го удира автомобилот во кој се наоѓаа двајца мои другари и три девојки. Двајцата го губат животот. Иван подлегнува на тешките повреди истата таа ноќ, а Милан после едномесечна борба на КАРИЛ исто така подлегнува на повредите. Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина се здобија со тешки повреди од кои се опоравуваат до денешен ден.

Оваа сообраќајна несреќа имаше огромно влијание на животот на скоро сите луѓе кои во животов ги сметам за блиски. Сите оние со кои сум израснал и со кои сум делел среќа и тага беа засегнати од овој настан.
Каква непроценлива штета направи овој настан во животот на сите нас? Би се обидел со една реченица да го опишам чувството со кое сите ние ќе живееме после 16ти август 2020година. Тагата е постојана, а во секој украден момент на среќа голтаме по една горчлива грутка во грлото сеќавајќи се на прегратките и насмевките кои се далеку од нас.

На 20ти Октомври 2021година, Основниот суд во Охрид донесува пресуда со која човекот кој ги убива моите другари и тешко ги повреди трите девојки е осуден на условна затворска казна од 4 години и треба да плати глоба од околу 3.000€.
Ако ги прочитате последиците од сообраќајната незгода: двајца мртви и тројца тешко повредени кои по година дена се уште се борат со последиците и ги споредите со изречената пресуда не може да не си ги поставите следниве прашања:
– Дали оваа пресуда ја отсликува правдата, ако правда е она што следува по закон?
– Каква порака испраќа судот со ваквите пресуди? Како ваквите пресуди свесно или потсвесно влијаат врз оние кои имаат тенденција за вакво однесување во сообраќајот?
– Ако сето ова е законски, тогаш дали законот со пропишаните казни сериозно ги зема предвид последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од дивјачко однесување во сообраќајот?

Одговорот на овие прашања се очекува од Апелациониот Суд во Битола! Се надевам дека правдата ќе го најде својот пат низ судските лавиринти и овој пример ќе биде последен за кој вака јавно ќе се говори!

Барам правда за Иван, Милан, Исидора, Сташа и Деспина!
Барам правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот!
Барам правда за во иднина никој да не се најде во ваква ситуација!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.