Против поранешниот градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, и уште две лица е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Ова е уште една од низата кривични пријави со кои Министерството за внатрешни работи го „затрупа“ Војнески изминативе две години.

Со новата кривична пријава Војнески се товари дека на 30.10.2006 година, како градоначалник на Македонски Брод, без согласност од Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, ја именувал третопријавената, Г.М.(51) за директор во Детската градинка „7-ми Септември“ – Македонски Брод.

„Исто така, во текот на 2016 и 2017 година, првопријавениот, извршил незаконско именување на двајца раководни административни службеници во општина Македонски Брод“, велат од Министерството.

Со кривичната пријава е опфатен и 52-годишниот Љ.Б. кој како директор на детската градинка „7-ми Септември“ – Македонски Брод, во текот на 2016 година, без распишан јавен оглас, ја вработил третопријавената Г.М. која претходно била именувана за директор, со што истата, по основ на плати, се стекнала со противправна имотна корист од 1.054.971 денари, додека била предизвикана и дополнителна штета на градинката од 48.840 денари.

„Во периодот од 30.10.2006 до 30.04.2008 година, третопријавената, како директор на детската градинка ,,7-ми Септември“ Македонски Брод, спротивно на Законот за работни односи, Законот за вработени во јавниот сектор и спротивно на Законот за извршување на Буџет на РМ, без согласност од Министерството за финансии, вработила две лица. Исто така, во текот на 2007 и 2008 година, третопријавената, и покрај тоа што знаела дека во наведената институција не била во редовен работен однос, депонирала свој потпис во Централен регистар, а потоа врз основа на одлука на Совет на Општина Македонски Брод, ретроактивно и биле исплатени шест плати, со што се стекнала со противправна имотна корист од 101.262 денари“, соопштија од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.