Укинат е притворот на советникот на ДУИ и бизнисмен Нефи Усеини и неговиот брат Ибро. Од охридскиот суд за „Телма“ потврдуваат дека двајцата браќа ќе се бранат од слобода со гаранција во недвижен имот проценет на 850 илјади евра.

Од судот информираат дела Обвинителството дало позитивно мислење, а кривичниот совет на охридскиот суд ја прифатило гаранцијата, по што е ставена хипотека на деловниот простор што го понудиле браќата. Станува збор за три споени дуќани во Охрид со вкупна површина од над 200 метри квадратни.

Претходно одбраната нудеше гаранција во кеш од 30 илјади евра за да им биде заменет притворот, но иако охридскиот суд прифати, битолска апелација го укина ваквото решение.

На 22 септември е закажано судењето за насилство.

Според обвинението, браќата го повикале оштетениот на средба во познат охридски хотел, но расправијата почнала уште во автомобилот со кој дошол Топаловски. Продолжиле на паркингот каде вербалната пресметка преминала во физичка.

На еден од обвинетите од пантолоните му испаднал  тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде обвинетите  во пределот на главата го удирале и со тврдиот предмет во облик на пиштол.  По извршеното насилство со кое на оштетениот му биле нанесени телесни повреди, обвинетите го напуштиле местото на настанот – соопштија од охридското Обвинителство.

Оттаму велат дека на тој начин извршиле грубо насилство врз жртвата а кај присутните гости и вработени во хотелот предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.