Судењето за смртта на младиот Саздо продолжи денеска, а Насер Рауфи и Асмир Алиспахиќ, адвокатите на обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири, ја спорат лиценцата на вештакот од Институтот за судска медицина со тврдење дека не е вештак-психијатар и побара во случајот да биде ангажиран психијатар бидејќи се работи за најкурционалното прашање, а тоа е делот за свирепоста и за да се утврдат страдањата кај починатиот, пренесе 24инфо.

Судот го одби предлогот на Рауфи да се дозволи второ мислење од Институтот за судска медицина и одлучи дополнително да биде сослушан вештакот, односно да објасни дали имало страдање заради краткиот временски интервал.

На прашањата на Рауфи приговараше адвокатот Ванчо Шехтански, за тоа да се земе в предвид дека родителите на починатиот се во судница, на што Рауфи бурно реагираше и му рече на Шехтански дека не е во партија, а судијката ги опомени дека ќе ги казни.

На расправата реагираше и таткото на Саздовски, кој кусо прокоментира:

Болката на мојот син никој психијатар на светот не може да оцени колкава била. Ако одбраната смета дека некој може да карактеризира колкава била болката нека повели, но тоа би било небулозно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.