Како сведок на денешното рочиште за убиството на Пино Секондо беше повикан таткото на обвинетата Анѓела, Златко Ѓорѓиевски. Тој рече дека Анѓела е дете како и сите други деца, но сè додека било во нормала, а додаде и дека ќерка му знаела и позитивно и негативно да изненади, но дека во суштина е добро дете.

По исчезнувањето на Пино, раскажа Ѓорѓиевски, Анѓела станала многу плашлива и не сакала да слави ниту Нова Година, а како што рече, тој како родител не знаел дека ќерка му е во врска со Фуркан Али, обвинетиот за убиство.

Имам потреба да кажам дека на социјалните мрежи, јас и мојата сопруга сме оцрнети со недолични зборови и со тешки навреди. Најпрво имаше информација дека јас сум возач кој не знае ништо, дека сме разведени, а не сме, и сето тоа беше со единствена цел да се прикаже дека ќерка ми е дете од нефамилија – рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека многу жали за изгубениот живот и дека секогаш кога ќе оди во црква пали свеќа за Пино.

Премногу ми е жал, но со ваквото одноесување, мајката на Пино не заслужува ниту да ѝ изразам соучувство. Дури имаше и заговор од луѓе за да ја истепаат мојата сопруга на работа – сведочеше Ѓорѓиевски.

Додека тој сведочеше, Анѓела не престануваше да плаче во судницата. Судијката Ленка Давитковска го закажа следното рочиште на 24 февруари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.