Од втората половина на овој месец на поширокото полошко подрачје во полн ек е организирањето свадбени и други свечености. Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со оружје.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно потсетува дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31). Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик), велат од СВР Тетово.

Апелот на полицијата се однесува и за воздржување од неовластено организирање огномети.

На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а  организаторите навреме да ги преземат пропишаните превентивни мерки за заштита на животот и имотот на присутните на свеченоста, додаваат од тетовската полиција.

Од СВР Тетово потенцираат дека ефикасно ќе постапуваат и ќе ги санкционираат сите прекршувања на законската регулатива, а против инволвираните ќе следуваат законски предвидените поднесоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.