Вработен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Марјан Димовски, денеска сведочеше во случајот „27 април”, за вештачењето на мобилните телефони на дел од обвинетите.

Димовски, кој самиот потврди дека нема лиценца за вешто лице од областа на информатичките технологии издадена од Министерството за правда и не е запишан во Регистарот на вешти лица, зборуваше за телефонската комуникација меѓу Елизабета Канческа Милевска, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Извештајот е од 26.06.2018 година по наредба на Катица Јанева, од Специјалното јавно обвинителство. Во ноември 2020 година, не можам точно да се сетам, доставивме копија од вештачењето по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Немам лиценца за вештачење издадено од Министерството за правда, не сум регистриран во регистарот на вешти лица, изјави сведокот Димовски.

Воедно, тој истакна дека негова надлежност е само да ги извади податоците од мобилните телефони, но не и разгледување на нивната содржина.

По исказот на овој сведок одбраната побара да не се изведуват доказите од извештајот изготвен од Димовски, од причина дека истиот не поседува лиценца за вештачење од ваков тип.

Обвинителката Рускоска, во својот говор посочи дека дека во овој случај не се работи за вешт наод и мислење, туку извештај од екстракција на мобилните телефони. Според обвинителката ова прашања треба да се разграничи.

Судијата Илија Трпков, ги отфрли приговорите на одбраната и дозволи доказите од извештајот да се изведат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.