Свадбата во селото Банско, која вчера ја прекина полицијата, била организирана на отворено, со настап на пеач и оркестар во живо, потврдуваат за МИА очевидци од селото и портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова.

Очевидци велат дека просторот каде се организирала свадбата бил блокиран од двете страни со автомобили и неколку часови среде бел ден траела свадбената веселба. Откако полицијата интервенирала свадбарите се разбегале.

Според соопштението од СВР Струмица, Д.И.(57) и А.И.(54) ја организирале свадбената веселба на нивниот син Е.И.(26), на која присуствувале околу 300 гости.

По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информира портпаролот Трајанова.

За настанот бил известен и обвинител од ОЈО Струмица.

Инаку, пред два дена полицијата во дом на струмичанец прекина забава на која учестувале 11 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.