На 05.09.2020 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал- Единица за недозволена трговија со дрога во соработка со Одделот за специјални полициски операции и СВР-Скопје, во координација со ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција, лишија од слобода пет лица- припадници на криминална група за набавка и дистрибуција на кокаин на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против Х.А. (49), Ф.А. (22), Ф.А. (24) сите од општина Арачиново, Р.Г. (27) и П.С. (29), двајцата од Неготино, за сторени кривични дела – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на РСМ. Од досега спроведената истрага утврдено е дека Ф.А. и Ф. А. (браќа) и нивниот татко Х.А. подолг временски период вршеле набавка и продажба на наркотична дрога кокаин по цена од 3000-5000 денари за еден грам на лица во повеќе градови низ државата и тоа во Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци и Велес, преку организирана мрежа на препродавачи и посредници – рече Ангеловски.

Криминалната група по извршената набавка, во својот дом вршела препакување на кокаинот за понатамошна продажба, а била координирана од Х. А..

За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се материјални докази и документирани се претходни купопродажби на кокаин. По претходно изготвен план и по Наредба од судија на претходна постапка, на 05.09.2020 преземени се повеке оперативно тактички мерки и активности и петте лица се лишени од слобода, а извршени се и претреси при што се пронајдени предмети поврзани со истрагата. Лицата лишени од слобода денеска ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка – соопшти Ангеловски.

Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и друг вид на криминал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.