Струмичкиот поп Боро Милчев доби забрана за обавување на свештеничката функција. Вака одлучи Струмичката епархија по како што вели низата недостоинствени, неодговорни и срамни постапки на свештеникот. Имено, во соопштението на епархијата се вели дека Боро Милчев своеволно и без благослов вршел неканонски венчавки по приватни домови во првата недела од Великиот пост, a влегувал и во цркви спротивно на волјата на надлежниот архиереј.

Сепак, чашата ја прелил обидот да изгради црква – дивоградба на својот приватен имот каде што има и ресторан. Општина Ново Село рече дека е покрената постапка за рушење на црквата и се чека одговор од јавното обвинителство. Инаку, свештеникот имал проблеми и со легализација на ресторанот.

Од струмичката епархија велат дека свештеникот не смее да ја извршува функцијата се додека не се покае, а тогаш ќе може да работи само во парохијата што ги опфаќа населените места Дукатино и Радичево.

Свештеникот Милчев, пак, тврди дека против него се води кампања и дека се почнало откако ги објавил дванесетте тома за македонските светители.

извор: Телма

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.