Од денеска стапува во сила Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, што Собранието го усвои на 71-вата седница одржана на 27 јуни 2022 година.

Со новиот Закон во однос на уписите во регистарот на вистински сопственици предвидени се промени на роковите за упис, субјектите кои се обврзани да извршат упис во рамки на истиот, како и нов пристап во утврдувањето на вистински сопственик кај фондациите.

Согласно новиот текст на ЗСППФТ, соопштија денеска од Централниот регистар, законскиот рок за внесување на податоците за вистинските сопственици е 15 дена од уписот на деловниот субјект во трговскиот регистар и во регистарот на други правни лица односно 15 дена од промената на податоците за вистинскиот сопственик.

Покрај останатото, како субјекти кои се обврзани да извршат упис на вистинскиот сопственик во регистарот со новото законско решение опфатени се и правните субјекти чиишто акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност за кои е предвиден рок од три месеци за извршување на оваа обврска од денот на влегувањето во сила на овој закон, се појаснува во соопштението.

Новиот текст на законот предвидува и нов пристап во утврдувањето на вистински сопственик кај фондациите. Фондациите и со постојните прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, се подвлекува, имаа обврска да запишат вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици.

Со оглед на воведената промена, истите потребно е проверат: дали имаат внесено податоци за вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици и дали внесените податоци за вистински сопственик се во согласност со новата дефиниција од ЗСППФТ.

Доколку фондациите утврдат дека е потребно да се усогласат со новите законски одредби, потребно е податоците за вистински сопственик да ги внесат (променат) во регистарот на вистински сопственици во рок од 15 дена, започнувајќи од 12.07.2022 година. Доколку промената единствено се однесува на усогласување со новата законска дефиниција, како датум на индикатор во пријавата се внесува датумот на поднесување на пријавата, се подвлекува во соопштението од Централен регистар на Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.