Двајцата српски државјани, кои беа во мерцедесот на Зоран Милевски Кичеец, кога се случи сообраќајката кај Стража, и кои со тешки телесни повреди, искршеници, експресно си заминаа за Србија, се познати на Обвинителството.

Оттаму за “Фокус” појаснуваат дека тие веќе дале изјава пред полицијата, а допрва ќе бидат повикани да дадат исказ во Обвинителството.

Лицата за кои прашувате дадоа изјави пред полициски службеници непосредно по сообраќајната несреќа, но во текот на постапката тие ќе бидат повикани да дадат исказ и во обвинителството, одговорија за “Фокус” од Обвинителството.

Според соопштението на МВР, објавено по сообраќајката, се работи за 42-годишен М.М. и 51-годишен П.Ж. кои имале тешки телесни повреди. Во болницата во Гостивар тие ги поминале прегледите, и биле препратени на Клиниката за траума во Скопје, но наместо да се упатат на лекување, инсистирале да бидат испишани и ја напуштиле државата.

Токму поради тоа останува и отворено прашањето дали овие сведоци на сообраќајката некогаш повторно ќе стапнат во Македонија за да сведочат?Засега е енигма што барале во државата, во друштво на Кичеец, и тоа во момент кога тој имал прекин на затворската казна добиен за лекување.

Околу нивниот идентитет се заинтересира и претседателот Стево Пендаровски.

Милевски бил со двајца странски државјани, нешто кое посебно ме интересира е кои се тие странски државјани, дали можеби некој е двоен државјанин, македонско и тоа другото и тоа ќе биде интересно да се види, а тоа истрагата ќе треба да го покаже дали е точно, изјави неодамна Пендаровски во интервју за “360 степени”.

Според досегашната истрага на Обвинителството, Кичеец е осомничен дека ја предизвикал сообраќајката.

На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди, се вели во соопштението на ОЈО.

Милевски, откако му беше укинат притворот, од вчера се наоѓа во полуотвореното одделение на затворот во Струга.

Извор: Фокус

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.