Постапувајќи по поднесено известување од СВР Скопје, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спроведе претходна постапка во која во целост ги испита наводите поврзани со настанот организиран во периодот од 24.09 до 26.09.2021 година од извидничкиот одред „Прв Скопски извиднички одред“ со наслов „Sex Scouts, Rock and Roll“. Притоа, надлежниот јавен обвинител донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување.

Од доставеното известување произлегува дека родител на една од учесничките на настанот пријавил во СВР Скопје, дека настанот кој се одржувал во местото Градовци, општина Зелениково не бил само со едукативен карактер туку дека во него има елементи на детска порнографија. Тој навел дека според неговите сознанија таму се прикажувале пози на деца кои во себе содржат сексуален мотив и дејствија кои прикажуваат очигледно полово дејствие.

Со цел да се проверат овие наводи, Основното јавно обвинителство Скопје до надлежното Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, достави наредба да се испитаат сите учесници на настанот и да се прибави мобилен апарат од еден од водичите на кој би се очекувало да се пронајдат записи кои произлегуваат од настанот, а кои би можеле да послужат како доказ во кривичната постапка. По одземање, мобилниот телефон беше доставен до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, каде беше извршено излекување на сите записи и нивна анализа. СВР Скопје ги изврши бараните разговори со сите инволвирани лица во овој настан.

По проучување на сите материјални и вербални докази, а пред се на исказите а сите кои учествувале на настанот, и тоа и извидници и водичи, како и лица од „Прв Скопски извиднички одред“ кои биле задолжени за организирање на настанот, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај ни еден од елементите кои се дефинирани во Кривичниот законик како елементи на кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ или друго кривично дело не се евидентирани во дејствијата на кој било од учесниците.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.