Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска достави допис до Антикорипциска комисија и побара да го расчисти случајот со бензиската „Пин Петрол“ отворенa неодамна во Куманово, а која ВМРО-ДПМНЕ ја поврза со министерот.

Како што обвини ВМРО-ДПМНЕ, сопственик на „Пин Петрол“ е татко на советникот за односи со јавност на Спасовски, Никица Петрушевски. Министерот, пак, тврди дека „лицето е вработено во МВР“, но дека не работи во неговиот кабинет.

Одговорно сакам да кажам дека тоа се апсолутно лаги и дезинформации, ниту јас ниту моето семејство немаме удел во таа или во било која друга компанија, ниту во државата, ниту надвор од неа, ниту денеска, ниту во минатото – рече Спасовски.

Тој нагласи дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се дезинформации и невистини за да биде дискредитиран.

Додека ВМРО-ДПМНЕ, партија која ја уништуваше Македонија 11 години, повикува да се поведе постапка пред ДКСК, јас дојдов сам и доставив допис да се испита целиот случај, мојата имотна состојба, потеклото на имотот, и да се утврдат фактите. Не смее да се дозволи манипулација со јавноста – рече Спасовски пред Антикорупциска комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.