Доколку за вработен во сегашната УБК се утврди дека е безбедносен ризик и не ја поминал безбедносната проверка, тој ќе биде отпуштен од работа во МВР. Ова го предвидува предлог-законот за агенција за национална безбедност, агенција која од први јуни треба да го наследи досегашното УБК. Роковите се кратки а веќе наредната среда законот со европско знаменце ќе се најде на пленарна седница пред пратениците, објави Телма.

Критериумите за вработување во агенцијата се строги, прво ќе се прави профил на работно место, потоа профил на личност за тоа работно место и на крај ќе мора лицето кое ќе биде во финална селекција на тој процес да ги исполни сите критериуми според безбедносните стандарди на НАТО, вака денеска на брифинг со новинари објаснуваше директорот на УБК Горан Николовски.

Министерот Спасовски беше пократок сите кои ќе паднат на безбедносна проверка ќе добијат отказ. Проверката ќе се врши при процесот на вработување во агенацијата. Интересно ќе биде на крајот кога ќе се види дали во УБК има агенти кои биле безбедносен ризик, а работеле во заштита на државната безбедност.

Директор ќе го бира владата по предлог на премиерот, Спасовски не прецизираше дали на таа функција го гледа сегашниот директор на УБК Николовски, а не одговори ниту дали Зоран Верушевски може да биде избран за директор на новата контраразузнавачка агенција. Тоа според министерот е прашање за премиерот Заев.

Агенцијата ќе има можност да прислушува надвор од ситемот на ОТА во строго ограничена процедура за заштита од терористички напади. Тоа нема да се злоупотреби велат надлежните од МВР.

До први јуни, УБК ќе треба да се исели и од кругот на МВР и да стартува како агенција, но просторот каде ќе биде сместена се уште не е утврден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.