Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот од Битола, истакна дека најпрвин треба да се разгледаат сите аргументи и факти, па потоа да се носи суд.

Тој додаде дека постапката е во фаза на истрага, додавајќи дека не оправдува насилство.

Не смее да се поддржи ниту едно насилство причинето од припадник на полицијата. Воедно не смее да се генерализира, треба да се издвојат оние припадници што ги пречекоруваат должностите и тие да сносат одговорност. Напад врз полицаец е напад врз државата, треба сите заедно да се штитиме меѓусебно. Да ги штитиме граѓаните и да ја штитиме макеоднската полиција, затоа што секогаш кога е тешко бараме помош од македонската полиција. Случајот од Битола е во рамки на истрага и врз основа на доказите ќе ги носиме одлуките. За случајот пак за нападот врз петтемина полицајци, веќе се уапсени десет лица кои имаат мерка притвор, Го поздравувам ОЈО за промптноста во делувањето, тоа е порака до криминалците што сакаат да го рушат системот на државата – изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека во моментов има два типа на постапки – дисциплински и една кривична, но, како што вели, во минатото сме биле сведоци на водење постапки без докази, заради ПР во јавноста, а кога се работи за кривична постапка таа мора да се базира на аргументи, за крајната одлука да биде праведна и правична.

Според него нападите врз полицајците се резултат на зајакнатите контроли во сите сегменти на општеството, додавајќи дека тоа нема да го поколеба МВР, кое продолжува да спроведувба оперативни акции и се бори против организираниот криминал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.