Најмногу до шест месеци можат странските возила да престојуваат на територијата на Република Македонија и во тој временски период не плаќаат никакви давачки на државата, освен патарина заради тоа што се движат.

Ова е одговорот од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарските прашања каква е законската регулатива, колкав временски период може да се управуваат моторни возила со странски регистарски ознаки на територијата на нашата држава, дали МВР врши контрола над овие возила и дали во тој период од шест месеци освен патарина овие возила плаќаат некакви давачки на државата.

Спасовски нагласи дека нема промени во делот на граничното управување, има посебни законски членови за царинско работење, а МВР соработува со Царинската управа.

Апсолутно никој нема ништо против никого во државата, меѓутоа сакаме тоа што е Закон, така како што се почитуваат во другите држави, да се почитува и овде, изјави министерот Спасовски по денешната посета на СВР Струмица и средбата со градоначалникот Костадин Костадинов.

Потенцира дека е зголемен бројот на сообраќајните контроли, што придонесува до извонредни резултати.

Министерот Спасовски наведе дека во 2013 година имало некаде 198 жртви во сообраќајни незгоди, оваа година околу 112, тоа доволно говори за ангажираноста на полициските службеници, меѓутоа и за подигањето на јавната свест кај граѓаните. Спасовски апелираше да се почитува законската регулатива.

Меѓу другото министерот Оливер Спасовски нагласи дека еден од најсилните партнери на МВР се и медиумите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.