Основното јавно обвинителство – Гостивар поведе постапка против 43-годишен гостиварец, за кој постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 и „загрозување на сигурноста“ од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ЈО, осомничениот синоќа околу 22.30 часот во домот во кој живеел во заедница со својата сопруга и ќерка, започнал расправија по што ги нападнал и им нанел телесни повреди.

Тој побарал парични средства, но откако сопругата му кажала дека нема, започнал да ја удира со шлаканици. Потоа побарал пари и од ќерката, но откако не му биле дадени се упатил да го земе нејзиниот мобилен телефон за да го продаде. Кога ќерката се обидела да повика полиција, осомничениот зел нож од кујната и замавнал кон неа, во што бил спречен од сопругата. Тој продолжил со намерата, удирајќи ја сопругата со каиш во пределот на грбот и левата натколеница, нанесувајќи и телесни повреди. Нападот го спречил нивен роднина, се наведува во соопштението.

Од ЈО посочуваат дека осомничениот кривичното дело „загрозување на сигурноста“ го сторил на штета на неговата ќерка, бидејќи неколкупати праќал пораки на нејзиниот мобилен телефон со закани дека „ќе ја обеси“ и дека „ќе ги заколе неа и нејзината мајка“.

– Бидејќи сторените кривични дела се против јавниот ред или моралот, а особено бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори делото или дека ќе го изврши кривичното дело со кое се заканува, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар поднесе Предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, се додава во соопштението.​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.