Со вклучени сирени и ротациски светла на амбулантните возила за итна медицинска помош на Здравствениот дом од Охрид и од Општата болница денеска вработените во здравствените установи од градот и оддадоа последна почит на првата жртва на короновирусот од нивните редови.

Медицинската сестра Дијана Димоска е првата жртва на Ковид-19 меѓу вработените во здравствените инситуции во градот. Педесетгодишната Димоска беше работно ангажирана во Интерното одделение на болницата во Охрид. Таа им подлегна на компликациите предизвикани од коронавирусот и пред два дена беше погребана на Градските гробишта во Охрид.

На фејсбук профилот на Општата болница од Охрид покрај изразувањето почит кон колешката повторно потсетија на потребата од поголема свест и одговорно однесување како најефикасен начин за спречување на ширењето на вирусот и најдобар начин за справување со епидемијата.

Оттаму се апелира на одржување хигиена, избегнување групни собири, држење реастојание, како и здрави животни навики и повеќе физичка активност.

Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат во објавата од ЈЗУ Општа болница Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.