Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице од село Стојаково, општина Богданци за кривично дело Разбојништво.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, на 28 јануари осомничениот маскиран со црна фантомка на лицето и со црни ракавици на рацете, носејќи ранец на грбот, влегол во казино во Богданци. Вперувајќи пиштол кон една вработена, касиерка во казиното, и се заканил по животот. Осомничениот ѝ кажал на вработената да ја отвори касата и да ги извади парите, па одзел 134.200 денари.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, дека ќе ги уништи трагите од кривичното дело или дека ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена – се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.​​

2021-02-17 14:24:10, од Даниела Маркоска-Алексовска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.