Исклучување од сообраќај и одземање на возилото во рок од три дена доколку истото е неисправно и одземање на возилото во рок од 90 дена доколку предизвика бучава или пак е нерегистирано. Ова го предвидуваат новите законски измени кои ги подготви Министерството за внатрешни работи, а веќе се во собраниска процедура.

Измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, покрај ова предвидуваат и одземање на возачката дозвола и исклучување на возачот од сообраќајот. Во предлот законот кој е доставен до сообрание се вели дека полициски службеник може да одземе возачка дозвола или да исклучи возач од сообраќајот доколку возачот управува со возилото во лоша психофизичка состојба, под дејство на дрога и алкохол или пак доколку има предвидено или впишана забрана за управување со моторно возило.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за првпат се уредува и материјата поврзана со учеството во сообраќај на електричните тротинети, со дефинирање на поимот „електричен тротинет“ и дефинирање на условите за нивно учество во сообраќајот (утврдување на сообраќајните површини на кои може да се движат, брзината на движење, возраста на лицето кое управува со нив, користење на заштитна опрема, употреба на светла.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.