Основното јавно обвинителство Скопје, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во средата, полициски службеници го забележале осомничениот во близина на село Грачани како управува моторцикл без регистарски таблици и го запреле за да извршат легитимирање. Осомничениот се дал во бегство, но бил совладан од полициските службеници. При извршениот личен претрес, под тренерката му била пронајдена една кеса со наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 1010 грама. Осомничениот 22-годишен скопјанец дрогата ја набавил и ја држел неовластено заради продажба.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство или осомничениот да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.