Жртва на семејно насилство на почетокот на овој месец, по бруталното претепувањето од сопругот, се обратила до Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи, кој со помош на полицијата и социјалните работници, во моментов ја чува на непозната локација.

Жената е жртва на долгогодишно физичко и психичко насилство за кое пријавувала и во надлежната полициска станица. Но, поради страв и срам, постојано се враќала во домот и се откажувала од идејата да покрене постапка против сопругот.

Во ноември таа по кој знае кој пат била брутално претепана од сопругот. Случајот го пријавила во полиција, а инспекторот за семејно насилство ја советувал да се врати во домот. По три месец таа преживува уште едно сериозно физичко насилство, по што успеала да го напушти домот и случајот веднаш го пријавила во МВР. Решена да стави крај на долгогодишната тортура која ја трпи и поради недовербата во институциите, кои ја вратиле дома кај насилникот, жртвата побара помош од нас, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Но, меѓу ноемвриското и ова последново претепување на беспомошната жена, се носи Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој точно ги пишува задолженијата и чекорите на секоја институција посебно, во случаи на насилство врз жената и за семејното насилство воопшто. И автоматски сликата се менува.

Полицијата, која во ноември ја враќа тепаната назад во домот на насилникот, овојпат постапува по стриктните одредби од законот, а насилникот е веќе во обвинителството.

Претставничка од Комитетот ја придружуваше жртвата пред Центарот за социјална работа (ЦСР) и до надлежна полициска станица за да го пријави насилството и да се изнајде решение за проблемот со кој таа се соочува. Стручните лица од Центарот заеднички со МВР проценија дека ризикот по безбедноста на жртвата е голем, поради што изготвија безбедносен план. Стручните лица од Центарот поднесоа и предлог за изрекување на привремени мерки за заштита и спречување од семејно насилство до надлежниот суд. Дополнително, бидејќи жртвата го напуштила домот само со основните лични работи, таа беше советувана да поднесе барање за одобрување на еднократна парична помош која има за цел да ѝ помогне во намирување на секојдневните трошоци како храна, средства за лична хигиена, лекови и слично“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

Понатаму, со помош на претставничката од кај нив, жртвата била придружувана и пред МВР. Полицијата веднаш поднела предлог до судот, насилникот да биде отстранет од домот и секако известување до надлежното обвинителство. Судот експресно донесе решение со кое се изрекуваат привремените мерки за заштита и спречување семејно насилство, како: забрана за насилникот да ѝ се приближува на жртвата, да ѝ врти на телефон, да ѝ се заканува дека ќе стори семејно насилство и слично, т.е. се како што пишува во новиот закон.

Жртвата моментално е соодветна згрижена и е во постапка да поднесе тужба за развод на бракот, вели Пировска.


Извор: СДК.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.