Две патнички возила на автопатот Демир Капија – Неготино возеле во спротивна насока и направиле сообраќајна несреќа со трето возило. Полицијата при увидот пронашла мигранти.

Вчера околу 21.30 часот на автопатот Демир Капија – Неготино, кај с.Тремник, се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки и патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувани од непознати возачи (кои возеле во спротивен правец), удриле во патничко возило „опел корса“ со неготински регистарски ознаки, управуван од С.Ѓ.(1962) од Неготино. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила В.Н.(53) од Неготино, сопатничка во возилото „корса“, која била пренесена во болницата во Неготино за укажување на лекарска помош. Возачите на возилата побегнале од местото, а во непосредна близина на местото биле пронајдени 19 мигранти кои потврдиле дека се возеле со двете возила, велат од полицијата.

Како што велат од МВР, додека бил вршен увид на местото, околу 01:15 часот, патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, не застанало на две патроли, удрило во возилото „опел корса“ и продолжило со движење, а по еден километар возачот застанал и го оставил возилото и со патниците побегнале.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.