Од Техничкиот факултет во Битола, каде што по наредба на судот за супервештачење беше испратен предметот поврзан со автобуската несреќа во село Ласкарци, на 17 декември 2021 година е добиено известување дека Факултетот не прифаќа да го изврши супервештачењето неопходно за затворање на доказната постапка по предметот и донесување првостепена пресуда, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

-По претходно изведени спротивставени вештачења на одбраната и обвинителството, а пред се, за да се запази еднаквоста на оружјето кое во евентуално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење. Од надлежниот Технички факултет во Битола, посочуваат од Судот, предметот е вратен со образложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, се вели во соопштението.

Од Судот додаваат дека по добивање на известувањето, контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што исто така е известено дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествувале во изведените вештачења.

Предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица и да го изготват супервештачењето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.