Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции на денешната прес-конференција по големата акција во затворот во Идризово, рече дека не се правел селективен претрес, туку се влегувало во оние ќелии за кои обвинителот издал наредба. Тој додаде дека ќе се бараат оставки, ако се утврди одговорност за внесувањето на мобилни телефони, пари, дрога во ќелиите.

Од 6 до 9 часот наутро се вршеше претрес во затворот во Идризово. Ако се утврди одговорност, било чија одговорност ќе се бараат оставки. Уште постојат индиции дека има мобилни телефони, ние редовно вршиме претреси. Направен е неселективен претрес, но не може во една акција да бидат опфатени сите ќелии. Затворот во Идризово е избран бидејќи најголемиот дел, односно 50 отсто од затворската популација е таму. Во тек е обезбедување на докази и претресот не беше селективен, а асистенцијата од ЕБР беше во делот каде има одделенија со висок безбедносен ризик. МВР влегува со наредба од обвинител. Претресот беше наменет за осудените лица, а не кај затворските чувари. Лицата кај кои се правеше претрес се осудени за секаков вид на кривични дела и не се работи само за едно кривично дело – изјави Спасовски.

При претрес на 25 ќелии во затворот „Идризово” полицијата пронајде поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути и апоени, педесетина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба и таблетки, како и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривични дела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.