Царинската управа на Република Северна Македонија во соработка со Државниот Пазарен Инспекторат, во текот на денешниот ден спроведоа две акции против нелегална продажба на цигари, режан тутун и други тутунски производи.

Предмет на акцијата беше контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат и коишто претставуваат акцизни добра.

Двете акции паралелно се спроведоа во Скопје и Тетово, при што на територијата на Општина Тетово службените лица при вршење на претресот беа брутално нападнати од страна на поголема толпа луѓе, кои и се познати на полицијата и против нив ќе биде покрената соодветна пријава.

Царинската Управа и Државниот Пазарен Инспекторат порачуваат дека и покрај сите опструкции ќе продолжат да се борат против сивата економија и нелегалната продажба на тутунските производи ширум државата.

Во акциите се запленети:

113 килограми режан тутун и 415 кутии цигари.

,Сериозноста на проблемот и обемот на штетите што нелегалната трговија со тутун и тутунски производи го предизвикува, бара од нас континуирани напори за да го спречиме нелегалниот промет на акцизни добра.

На овој начин не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на здравјето на луѓето што може да биде загрозено со употреба на непроверени производи пуштени во промет на нелегален начин“- се вели во соопштението на Царинска управа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.