Жителите на село Слупчане и селата од општина Липково денеска имаа можност да ги слушнат пораките кои ги упатија надлежните во рамки на кампањата на МВР и УНДП, „Секој куршум има мета. Слави со срце, не со оружје“ во училишната спортска сала на „Фаик Коница“.
Претставници на локалната власт од Липково, на СВР Куманово, УНДП и на месното население ги посочија последиците кои можат да бидат и трагични при неовластено користење и употреба на оружје.

 

– Сигурна сум, ниту една мајка нема да го одобри пукањето на прослава, ако знае дека мета може да биде детската соба на нејзиното бебе. Ниту еден татко нема да чува пиштол дома, ако знае дека неговиот син во детска игра може да го загуби животот. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука. Славете со срце, не со оружје!“, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП Сања Бојаниќ.

Присутните имаа можност да ја разгледаат и изложбата со „Што ако …?“ со наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми. Преку насловите, граѓаните треба да се запрашаат колку често слушаат вакви вести во кои можело да настрадаат и луѓе. Целта е да се промени оваа перцепција и да се поттикне пријавување и осуда на секое неовластено користење огнено оружје.

Пораката „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ е лекција за последиците од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје. Колку далеку може да „патува“ куршум испукан во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје, се само дел од прашањата што беа дискутирани на настанот.

– Секој куршум испукан дури и во воздух мора да заврши некаде и може да доведе во опасност нечиј живот. Употребата на оружје е дозволена само на лиценцирани места – полигони, а физичките лица кои имаат лично оружје и кои поседуваат дозволи, треба да го чуваат на безбедни места. Секторот за внатрешни работи Куманово континуирано презема мерки и превентивни активности за откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир. Сепак, безбедноста на граѓаните не зависи само од една институција, туку и од свеста и однесувањето на секој од нас поединечно, рече помошникот-началник на СВР Куманово, Севдаиљ Џафери.

Градоначалникот на Липково Еркан Арифи рече дека заедно со надлежните постојано укажуваат на можните последици по животот и здравјето на граѓаните.

– Целта на овој настан е да ја подигнеме свеста на граѓаните за последиците и опасностите кои демнат при употреба на оружје на семејни прослави. Последиците се сериозни – на овој начин прославата многу лесно може да се претвори во трагедија. Семејствата треба да влијаат врз своите блиски и да не оправдуваат користење оружје како средство за славење. Освен што е опасна, употребата на огнено оружје е нелегална и затоа ние како општина апелираме до граѓаните да прославуваат со срце. Сите знаете, но да ве потсетам, животот е најскап дар за сите, рече градоначалникот на Општина Липково Арифи.

На денешниот настан уште еднаш беа прикажани видеоматеријалите што ги подготвија МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението.

Кампањата се спроведува во исто време во Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Во рамки на проектот, дополнително се работи и на зајакнување на капацитетите и меѓуинституционалната соработка, како и на подобрување на полициските практики во борбата против недозволената трговија со оружје. Целта е намалување на количеството оружје што циркулира во општеството, градење искрен однос меѓу полицијата и граѓаните и создавање побезбедни заедници, а со тоа посигурен и поквалитетен живот за сите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.