Три постапки се во тек за вонбрачните партнери Е.Р. и Р. П., откако 45-годишен кавадарчанец доби 30-дневен притвор за убиство на 59-годишен сограѓанин, потврдиле за МИА од Министерството за труд и социјална политика. За случајот во јавноста излегоа информации дека во расправијата се вклучени повеќе луѓе, а причината била старателство врз дете од вонбрачна заедница.

Отворените постапки во Центарот за социјална работа во Кавадарци се за доверување на малолетното дете П.М. родено во вонбрачна заедница, за уредување на личните односи и непосредните контакти на детето со таткото П.Р., како и за постапка за семејно насилство.

Центарот за социјални работи согласно своите законски надлежности постапувал по добиените барања и согласно законските прописи, земајки го предвид најдобриот интерес на детето донел соодветно законско решение. Поради непочитување на донесеното законско решение, центарот применува други методи и техники за надминување на настанатата ситуација. Во однос на семејното насилство, во времето на негово случување, согласно Законот за заштита и превенција од семејно насилство, од страна на стручниот тим примени се сите законски процедури за заштита на мајката и детето, стои во писмениот одговор од Министерството.

Претходно, од Центарот за социјални работи информирале за МИА дека ја контактирале мајката на детето Е.Р. која ги известила дека по сознанието за настанот што се случил, уште истата вечер, заедно со малолетното дете ја напуштила територијата на општина Кавадарци и се наоѓа на друга територија каде се чувствувала безбедно.

Според МВР, кобниот ден околу 04:30 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица го лишиле од слобода Х.С.(45) од Кавадарци. Тој се сомничи дека претходно околу 23.30 часот, при физичка пресметка меѓу повеќе лица на улицата „Методија Џунов“ во „Брушанско Маало“, со остар предмет му нанел убодна рана на З.П. (59) од Кавадарци кој подоцна починал во болницата во Кавадарци.

Во врска со настанот во Полициската станица досега е извршен разговор со С.А.(37), А.А.(63), А.М.(42) и Џ.Х.(19), сите од Кавадарци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.