Долго ги почитував сугестиите на адвокатите кои од мене побараа да не ги коментирам јавно деталите за судскиот процес, заради коректност и заштита на постапката. Судската постапка е завршена, донесена е пресуда. Пресудата беше јавно соопштена. Сите обвинети бевме прогласени за виновни. Прочитав многу различни реакции во врска со тоа – напиша поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кој судот го прогласи за виновен и му изрече 8 години затворска казна за малверзации со превоз на ученици.

Како поранешен градоначалник на Битола во три мандати чувствувам лична обврска и одговорност јавно да се произнесам за ова. Наметнатата законска обврска за слободен превоз на учениците, заедно со својот тим ја имав исполнето максимално законски и ја организирав на најдобар можен начин. За разлика од денешната состојбата за превоз на ученици во новата локална самоуправа, за која секако е само прашање на време кога некои нејзини претставници ќе бидат повикани на одговорност, Битола во тоа време беше пример за добро организиран превоз на ученици во цела Македонија. Лага е дека во нашиот случај се работи за кривично дело или за прибавена имотна корист. На нашите ученици им обезбедивме сигурен и безбеден бесплатен превоз и не дозволивме никакви пропусти. Сите беа задоволно од тоа и сите во судската постапка сведочеа дека тоа е така- пишува Талески.

Талески пишува дека пресудата за Транспортер која е донесена од Кривичниот суд во Скопје нема да ја коментира, но заради вистината  за која судот не бил заинтересиран, вели дека пресудата е резултат на политички прогон и монтиран политички процес против него, а не е заснована на реални факти и докази.

Државниот правобранител, како надлежен орган за заштита на имотот на државата,во својство на сведок во Транспортер достави писмени докази и со тоа потврди дека во овој предмет не е направена никаква штета. Ги достави документите од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука. Иако немал надлежност да врши проценка за општината, заради спецификата на овој случај, достави документ со кој потврди дека не е направена никаква штета и на имотот на општина Битола. Доказите му ги предаде на судот. Ако не постои оштетно побарување од надлежните институции, во тој случај не постои ни сторено дело. Во тој случај нема основа за кривично дело. Тоа е исто како да осудите некого за убиство, а не постои убиен, не постои жртва. Не постои никаква штета бидејќи законски прокнижениот долг на училиштата како обврска кон општината е уплатен во Буџетот на општината. Финансиската штета со која оперира судот не постои. Таа е лажна. Бројките се земени од нецелосниот, нестручен и погрешен Вешт наод кој што е изработен по нарачка на СЈО. Вештиот наод, намерно или случајно е погрешен, контрадикторен и со погрешен метод на проценка . Критериумот со кој оперира општината е „цена по ученик“, а критериумот применет во Вештиот наод е „цена по авто ден “ со што се добиени погрешни заклучоци. Иако укажувавме на ова во текот на постапката, сепак тоа до крајот не се корегира и пресудата се базираше врз сите погрешни податоци во Вештиот наод. Иако таа работа вештите лица треба да ја работат за плата, сепак тие незаконски биле дополнително платени од Катица Јанева и се офајдиле со дебели незаконски хонорари исто како и обвинителите на СЈО предводени од Катица Јанева. Списокот на имиња и висината на нивните хонорари беше јавно објавен. Всушност тие имаат и кривични пријави за нивното незаконско работење, но заради заробеното судство и обвинителство во моментов нема кој да постапи- пишува Талески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.