Вчера во Основниот суд Скопје 1 Скопје, на главната расправа при произнесување за вина, седумтемина македонски државјани обвинети за Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, а едно лице обвинето и за кривично дело Терористичка организација, ги признаа делата што им се ставаат на товар.

Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите беа лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот. По спроведена истрага, во декември минатата година од страна на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, беше поднесено обвинение против седум лица.

Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“.

Освен учество во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.