Се испитуваат причините за несреќата во Кавадарци во која загинаа двајца градежници, информираа попладнево од Јавното обвинителство.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на лице место на локацијата каде утринава, при извршување градежни работи, се откачи дигалка – кран, при што двајца работници од Скопје го загубија животот. Едниот од загинатите работници бил на возраст од 30, а другиот од 50 години. Во несреќата не се повредени други лица. Јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите. Локацијата се обезбедува, а надзор на лице место ќе извршат и надлежни инспекциски служби, соопштија од Обвинителството.

Оттаму посочија дека со цел утврдување на причините за несреќата, ќе биде издадена наредба за вештачење, а во меѓувреме надлежното обвинителство прибира вербални и материјални докази за испитување на сите околности.​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.