Жена на возраст од 46 години од Тетово која била касната од бездомно куче вели дека ќе ја тужи општината поради тоа што смета дека општинските власти не преземаат доволно да се спречат ваквите чести напади. Таа била нападната од бездомно куче на 16 април, односно првиот ден откако и завршила и изолацијата поради Ковид-19.

Каснувањето го пријавив во полицијата и се консултирав и со адвокат. Ги собирам сите потреби извештаи и ќе ја тужам општината како што има можност. Во болницата кога бев на преврска вработените ми рекоа дека еден час пред мене дошол некој маж кој бил искасан и дека секој ден има по четири, пет вакви случаи на напади од кучиња скитници. Ова не е нормално. Овие денови само лежам, не можам да функционирам од болки и од страв, објаснува нашата соговорничка М.Х која сака да остане анонимна.

Таа поради коронавирусот десеттина дена имала температура. Сега поради нападот од бездомното куче уште една недела ќе остане пак дома на боледување, ќе прима терапија и ќе се обиде да го надмине ова психолошкото оптоварување.

Во петокот на 16 април ми беше прв ден како можам да излезам од дома со оглед дека ми заврши изолацијата поради Ковид-19. Утрото пред да одам на работа, пред 8 часот бев до ординацијата на матичниот лекар за да испитам крвна слика. Потоа одев на тротоарот од булеварот „Маршал Тито“ кон плоштадот за да стигнам на работа. Така одејќи видов едно мало кученце, а во правец на Културниот дом забележав едно поголемо куче, кое почна да трча кон мене, објаснува соговорничката.

Таа посочи дека кога стигнало до неа кучето скокнало и ја каснало за левата рака која ја подигнала инстиктивно во висина на главата за да се заштити.

Кога ме касна и ме собори на земја, паднав и потоа уште еднаш ме гризна на грбот. Голема среќа во тие моменти што еден човек мислам излезе од продавниците, почна да вика по кучето и со голем камен фрли кон него и на тој начин успеа да го оттргне од мене по што тоа замина. Инаку уште ќе ме гризеше, којзнае што ќе ми направеше, вели тетовчанката.

Луѓето од продавниците и и помогнале да стане, по што таа се вратила во блиската ординација на матичниот лекар.

Во шок бев, почнаа да ми се тресат рацете и така ми беше цел ден. При паѓањето и зглобот на ногата сум го превиткала и ми потече. Во ординацијата првично ме преврзаа и ми дадоа дијазепам да се смирам. Потоа отидов во болницата во хируршко одделение за да добијам соодветен третман на раните и преврска. На нервно одделение исто ми препишаа лекови за смирување, па бев во инфективно одделение да ми дадат вакцини против беснило и тетанус, вели 46 – годишната жена.

Од општината Тетово велат дека за 2020 година поднесени барања за оштета од граѓани каснати од кучиња скитници има вкупно 10, а обесштетени се тројца од барателите. На тројцата баратели исплатен им е определен паричен надоместок утврден во судски процес.

Извор: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.