Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најавува жалба по решенијата на судијата на претходна постапка за осумте лица осомничени за злоупотреба на својата положба и овластување во врска со противправна легализација на градежно земјиште во Тетово.

Предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување на мерката притвор за шестмината осомничени не е прифатен. Судијата на претходна постапка на четири осомничени лица со решение им определи мерка куќен притвор, а за еден осомничен се определени мерки на претпазливост. За двете лица за кои обвинителството предложи мерки на претпазливост, Судот ќе одлучува во текот на утрешниот ден за кога лицата се повикани да се јават пред судијата на претходна постапка, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Оттаму информираат дека по добивање на известувањето од страна на правосудната полиција за постапување по наредбата за приведување и претрес на домот на првоосомничениот, кој е недостапен на органите на прогонот, доколку судијата на претходна постапка согласно своите надлежности му определи мерка притвор, Обвинителството ќе издаде – наредба за распишување на национална и меѓународна потерница.

Надлежен обвинител при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе – наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, за противправна легализација на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни во Тетово, нанесувајќи штета на Буџетот на РСМ во висина од околу 860 илјади евра, соопшти Обвинителството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.