Менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска како сведок во кривичниот суд во Скопје на рочиштето за случајот „Меѓународен сојуз“ рече дека на обвинетиот Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра за да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

„Дрим билдинг“ на сметката на „Меѓународен сојуз“ исплатил уште 15 милиони денари, а Лога рече дека тоа што ги гледале поранешните пратеници на СДСМ, Фросина Ременски и Александар Кирацовски, им влевало доверба дека проектот ќе успее.

Довербата ја стекнавме дека имаше и луѓе од владата, како Фросина Ременски, на состаноците повремено присуствуваше и Александар Кирацовски и кога тие ги гледате имате доверба дека проектот ќе се реализира, рече Лога.

Сведокот посочи дека по потпишувањето на договорот исплатиле 15 милиони денари и останеле уште милион и нешто, но по истекот на рокот од 180 дена од договорот тие побарале да им ги вратат средствата.

– Во тој рок требаше да ја обезбедат локацијата и дозволата за градба. Тоа не се испочитува од „Меѓународен сојуз”. Господин Бојан врати 155 илајди евра, рече Лога.

Ова е уште едно неповолно сведочење кое не оди во корист на обвинетите, откако претходно на 24 март Јованка Стојановска – Кухар сведочеше дека околу 250 илјади евра му дала на Боки 13 за лажен проект откако „ги продала становите во Скопје и Словенија“.

Сведокот Ресул Лога, кој бил менаџер на поранешната компанија „Дрим билдинг”, рече дека соработката со „Меѓународен сојуз” била преку неговиот партнер Адријан Амзовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.