Штипјанка била нападната од разбојник во нејзината куќа, при што и бил украден лаптопот. При грабежот, насилникот ја удрил жената, ја турнал и побегнал со пленот.

Тој е уапсен, а Судија му одредил мерка притвор од 30 дена, откако Основното јавно обвинителство Штип донело наредба за спроведување истражна постапка против лицето поради основано сомневање дека сторило кривично дело – Разбојничка кражба.

На 6 февруари, осомничениот влегол во куќа на улицата „Гоце Делчев“, извршил пребарување и одзел лаптоп компјутер вреден 50.000 денари. При вршењето на кражбата, го затекнала сопственичката на куќата. Осомничениот во тој момент физички ја нападнал, удирајќи ја по телото и раката, ја турнал на земја и побегнал со украдениот предмет – се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, ценејќи дека постои опасност тој да се даде во бегство, а судијата го прифати предлогот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.