Основниот Кривичен Суд Скопје вчера донесе првостепена пресуда со која полицискиот службеник Г.П. вработен во СВР Битола се прогласува за виновен и истиот се осудува на казна затвор во траење од една година за делото Малтретирање во вршење на службата член 143 од Кривичниот законик.

Станува збор за инцидент кој се случи лани на 21.09.2020 година околу 01 часот на ул.„Никола Тесла“ во Битола, кога обвинетиот како службено лице – униформиран полициски службеник при обезбедување на лице место по случена собраќајна незгода влезе во конфликт со оштетниот Н.Ј., кој пијан предизвика сообраќајка.

Како што соопштуваат од одбраната, Македонското здружение на млади правници, и покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи со образложение дека „околноста дека оштетениот во критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувал за што се води и кривична постапка против него за кривично дело од член 383 од КЗ не претставува оправдување за преземените дејствија од страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и соборен на земјата, продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа применувајќи прекумерна сила”.

Неколку видеа од инцидентот беа споделени на социјалните мрежи, а битолчани беа поделени во мислењата.

Иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата, „Ромалитико“, „Романо Авази“, „Ромаверзита“, „Баирска Светлина“, „Сумнал“, „Ромско Јато“, тогаш организираа против полициското насилство.

Сега пак, се организира протестен марш за поддршка на младиот полицаец.

Битолчани, сограѓани од цела Македонија да покажеме солидарност и поддршка за нашиот другар, полицаец, професионалец, чувар на законот и редот кој е неправилно осуден на една година затвор.
Ве очекуваме во голем број на закажаниот протестен марш со цел да дадеме до знаење на судските инстанци и носители на ваквите СРАМНИ пресуди дека не поминуваат кај народот, народот ќе реагира со сите свои демократски алатки на располагање, се вели во повикот на кој досега се одзваа над 1.200 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.