Без многу детали, но со официјална потврда за трагичниот крај. Пронајдена е Македонката Маја Јанеска, почината дома во својата спална соба.

Прострелна рана во главата и пиштол до телото – за ова се знае од оскудните информации кои пристигнуваат од јужноафриканската полиција.

На социјалните мрежи позната како Маја Миа, инфлуенсерката го загубила својот живот во место блиску до Јоханесбург – на околу осум илјади километри воздушна оддалеченост од родниот Охрид.

Сега истрагата е отворена, но во оваа фаза случајот не се третира како сомнителен, иако јавноста го перцепира како обвиткан во мистерија. Телото на Јанеска го пронашол нејзиниот партнер кој бил во куќата, известува тамошниот медиум „Њуз24“, кој се повикува на извори од полицијата.

Веста за трагедијата за Телма  ја потврдуваат и од македонското Министерство за надворешни работи, од каде што наведуваат дека помагаат за транспорт на телото во Македонија.

Министерството за надворешни работи преку надлежната амбасада во Каиро, стапи во контакт со надлежните органи на земјата, од каде добивме потврда за трагичниот настан. Нашите претставници се во постојана и непосредна комуникација со надлежните јужноафрикански власти и со роднините на починатата, како во делот на утврдување на деталите, така и околу организирањето транспорт на посмртните останки на починатата во земјава, соопштија од МНР.

Јанеска пред неколку денови била во земјава за прослава на признавањето на Македонија од Јужна Африка и за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји во што и самата помогнала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.