По спроведена предистражна и истражна постапка од поранешното Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице во предметот во јавноста познат како „Лидери“. Обвинетиот педесетгодишник од Скопје се товари за кривично дело – Бесправно градење согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението од државното јавно обвинителство, во периодот од септември 2011 до февруари 2013 година, обвинетиот градел на земјиште во државна сопственост на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, за кое во 2004 година имал склучено Договор за закуп и користење на пасишта со ЈП за пасишта – Подружница Бит Пазар – Скопје. Иако согласно договорот бил корисник на земјиштето за период од 10 години, тој инвестирал во градба на армирано-бетонски објект од втора категорија. Без одобрение за градба тој изградил станбена зграда на два ката со вкупна корисна површина од 1.001 м2, со деловен простор и шест стана, се посочува во соопштението.

Станува збор за случај кој беше отворен по „бомба“ во која поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети се договарале за зградата која никна наспроти американската амбасада, бесправно изграден објект од илјада квадратни метри, но во овој случај не одговараат тие, туку само инвеститорот на дивоградбата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.