После вчерашниот инцидент во СЦ „Јане Сандански“ на дербито меѓу Вардар и Пелистер, денеска од МВР излегоа со официјални информации. Според полицијата, приведени се 18 лица, објави „Локално“.

На 26.03.2023 полициски службеници приведоа 18 лица во врска со нарушување на јавниот ред и мир на натпреварот Вардар- Еурофарм Пелистер во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Известен е јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот по закон за спречување на силство на спортски натпревари, информираат од МВР за „Локално“.

Вечното дерби меѓу двата најголеми ракометарски клубови го одбележа прекинот во 17-тата минута, откако навивачите на Пелистер, популарните „Чкембари“ влегоа во салата, во делот од трибината наменет за гостински навивачи. Тие веднаш почнаа да дивеат и фрлаа пиротехнички средства кон публиката на трибините.

Како реакција, на паркетот се симнаа „Комитите“, а целосниот хаос траеше повеќе од десет минути. Натпреварот потоа беше прекинат, но подоцна продолжи со присуство на публика, откако капитените на двата тима разговараа со навивачите и ги замолија да престанат.

Вардар го доби дуелот со 31-24.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.