Основното јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување мерка притвор за две лица заради основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ од член 247 став 3 во врска со став 1 од КЗ, за едното лице и „лажно претставување“ по член 391 став 1 од Кривичниот законик, за другото лице.

Како што соопшти Судот, по спровод на двете лица во Кривичниот суд, на рочиштетo за одлучување по поднесениот предлог, надлежниот Јавен обвинител го повлече предлогот за едното лице и предложи поблаги мерки за обезбедување присуство.

Судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.М. му определи мерка притвор во траење од осум дена, со оглед дека се работи за скратена постапка, додека на В.С. му определи мерки за претпазливост и тоа одземање на патната исправа и обврска лицето повремено да се јавува пред надлежен суд.

Претходно, Основното јавно обвинителство – Скопје информира дека повело постапка против две лица, од кои едното е осомничено дека го сторило кривичното дело „измама“, а другото – „лажно претставување“. Во соопштението на ОЈО беше посочено дека за двајцата осомничени е побарана мерка притвор поради реална опасност од бегство.

МВР пак информира дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) во координација со Одделот за криминалистичка полиција (ОКП) до ОЈО Скопје поднеле кривична пријава против М.М. (32) и В.С. (31).

(фото: МИА)

Кривичната пријава против М.М. е поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“, а В.С. е осомничен за сторено кривично дело „лажно претставување“.

– Првопријавениот М.М. во текот на 2020 и 2021 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, пред оштетените лица лажно презентирал факти дека наводно поседувал информации според кои ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, за да го увери во вистинитоста на своите тврдења, на еден од наводно осомничените во таа постапка му прикажал наредба со невистинита содржина, која ја изработил на својот приватен компјутер, за наводно отворање на предистражна постапка од страна на ОЈО за ГОКК, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Тој од него побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката, појаснија во денешното соопштение од МВР

М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 евра кои ги зел на 03.11.2021 на нивна средба во угостителски објект во Скопје со што го сторил кривичното дело „измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Второпријавениот В.С., се наведува во соопштението, со намера првопријавениот да прибави противправна имотна корист, на средба која се одржала помеѓу пријавените и оштетениот, лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање, а воедно и истражител во ОЈО за ГОКК, со што му овозможил на првопријавениот да го доведе во заблуда оштетениот дека М.М. има конекции, преку кои можел да издејствува да биде затворена наводната предистражна постапка, со што го сторил кривичното дело „лажно претставување“, предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.