Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за уште едно лице, за кое е поведена постапка за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на возраст од 21 година, на 26 февруари учествувал на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тој бил дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Имено, осомничениот и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници, се вели во соопштението од ОЈО.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се дадат во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Претходно, за истиот настан, Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за петмина други учесници во протестите.

Протестот на 26 февруари беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекувањето на доживотни казни затвор за обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, а само обвинението беше одбиено за обвинетиот Сами Лута, поради откажување на јавниот обвинител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.