Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен предлог против едно лице на кое му се става на товар едно продолжено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, во петокот и саботата извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи исти прилики и слични околности. Тој најпрвин, од подрумска просторија во една куќа на улицата „Карл Хрон“ во Скопје одзел алати и други предмети во вкупна вредност од 24.530 денари. Потоа обвинетиот 22-годишен скопјанец од подрум во куќа на улица „Маџари“ украл моторна пила за сечење дрва вредна 30.000 денари, а од гаража на улицата „Перо Наков“ одзел моторна пила и бакарни шини во вкупна вредност од 34.000 денари.

Ценејќи дека и натаму постои опасност од бегство на обвинетиот, а особено имајќи го предвид фактот дека се работи за лице кое претходно е осудувано за кривични дела, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и Посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор, со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.