Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 39 и 36 години, осомничени за соизвршители на кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопштија денеска од Јавно обвинителство, бидејќи постои опасност од повторување на кривичното дело, како и можност за бегство на осомничените, јавниот обвинител предложил да им биде определена мерка притвор. Судијата на претходна постапка од Основен суд Велес го прифатил предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена.​​

Осомничените маж и жена, кои живееле заеднички како вонбрачни партнери, во својот дом држеле наркотична дрога – 94,18 грама хероин во повеќе различни пакувања. При претресот на домот, осомничената преку прозорецот од куќата надвор исфрлила дел од наркотичната дрога, соопштија денеска од ЈО.

Полицијата во куќата пронашла и други предмети кои укажуваат на намерата за илегална продажба на дрога и тоа една дигитална вага, пари, тетратка со записи за неплатени долгови од лица и платежни картички на име на различни лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.