Сè уште не стигнала до рацете на обвинител кривичната пријава против првиот човек на здравството Венко Филипче, и раководителот со фондовските пари за здравствено осигурување, Ден Дончев, поврдуваат од Јавното обвинителство.

Кон крајот на минатата недела е пристигната пријавата поднесена од Вера Иванова. Истата ќе биде распрепределена кај обвинител кој ќе постапува во насока на проверка на наводите наведени во кривичната пријава, велат од ЈО.

За аферата што „пукна“ пред четири дена и веќе го доби називот „Рекет 2“ министерот за здравство изгледа реши „да се брани со молк“, па  вчера кажа оти седумдневното службено патување ќе го спречело јавно да говори за случајот.

Став за случувањата ТВАлфа побара и од шведската компанија „Дијаверум“ која стана сопственик на македонската „Дијамед“. И оттаму веќе два дена не одговараат на прашањата, зошто и покрај најавите за истраги, одлучиле да ја купат фирмата на Вера Иванова. Швеѓаните засега не ја потврдуваат ниту веродостојноста на мејловите што Дончев тврди дека ги упатил до нив.

Единстевен кој засега јавно говореше за аферата, е Директорот на ФЗО Ден Дончев, кој на некој начин се стави во улога на обвинител, па на прес-конференција презентираше хронологијата и делови од, според него, штетниот договор, што претходната власт го потпишала со двајца концесионери за вршење дијализа во центрите во Македонија, меѓу кои и „Дијамед“.

Откако призна дека ги предупредувал швеѓаните за истрага што ќе следи, како да имал инсајдерски информации, не заборави да ги оцени обвинувањата против него како небулозни. Но, Дончев со своите изјави создаде забуни што го ставаат под знак прашалник и самото постапување на Фондот за здравтсвено осигурување, во случај да се соочува со штетен договор.

Останува неодговорено прашањето и зошто ако бил толку штетен, ниту Дончев, ама ни неговиот претходник, не го раскинале договорот за концесија со „Дијамед“ од 2013 година. Иако во случај на спор надлежен е судот во Париз, а во истиот е договорена и сума од 28 милиони евра, како отштета во случај на раскинување на договореното, доколку државните македонски институции имале толку силни аргументи за злоупотреби и криминал, постои голема веројатност судот да не одлучел во корист на приватната фирма, па да имало простор и за спогодба. Наместо тоа договореното се спроведува и речиси непречено тече сè до моментот кога странци решиле да ја купат фирмата.

Вера Иванова, скопјанката што го продаде „Дијамед“ пред неколку дена поднесе кривична пријава против Дончев и Филипче. Па јавното обвинителство треба да одлучи дали имало злоупотреба на службена положба, ама и дали некој сакал да извлече лична корист од самата зделка.

За потсетување, истрага обвинителството за организиран криминал уште од минатата години води и за продажбата на фирмата „Дијамед“ кога и беа замрзнати парите на Иванова и во Монако и во Македонија. Постапката следеше по допрен глас од здружението на пациенти „Нефрон“, од каде, уште тогаш негираа оти некому упатиле било какви поплаки и забелешки во однос на доделување на концесиите за дијализа и добиените услуги како корисници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.