Во Основниот суд-Тетово продолжи судењето за пожарот кој на 8 септември 2021 година избувна во модуларната болница, а во кој трагично настрадаа 14 луѓе.
На рочиштето се појавија обвинетите Фљорин Бесими, Артан Етеми, Бобан Вучевски, претставникот на тетовската Клиничка болница, како и адвокатот на семејствата на жртвите.
Рочиштето беше проследено со низа забелешки од одбраната на обвинетите, кои не се согласија со начинот на претставувањето на насловите на доказите на тетовското Јавно обвинителство.
Според адвокатите, Обвинителството доставило докази преку документи без потписи од релевантни лица или институции. Освен тоа, доказите беа доставени во пликови, но без да се открие што има во нив. Предадени се и УСБ и ЦД, но не се знае каков доказен материјал содржат. Пред почетокот на рочиштето, пред Основниот суд се собраа граѓани кои излегоа во поддршка на обвинетиот Бобан Вучевски.
На рочиштето за пожарот во тетовската модуларна болница, помошниците на јавниот обвинител ги презентираа само насловите на доказите, а за време на нивното цитирање, адвокатите имаа забелешки дека многу докази не фигурираат во описот.
Потоа, судијата Јордан Велковски го донесе во Судот обемниот материјал со докази и почна да ги чита нивните наслови.
Адвокатите имаа забелешки дека дел од насловите не се содржани во листата докази кои Обвинителството ги доставило до Судот.
Освен тоа, на денешната расправа не беше прочитана содржината на доказите, туку само извештаите на институциите како што е МВР, извештајот на германските експерти, и др. Следното рочиште е закажано за 16 јануари 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.