Еден пожарникар е полесно повреден во Тетово при гаснење пожар во текот на вчерашниот ден, а противпожарната единица морала да интервенира на десетина места во периодот од 8 часот па се до 3 часот рано изутринава.

Вчера имавме пожар кај Спортскиот центар во Тетово каде беше повреден пожарникарот. Освен таму на отворено имавме пожари во атар на Брвеница, Жеровјане на дива депонија во Челопек во куќа и плевна и на автопатот Тетово-Скопје на возило. Причини се високите температури и несериозноста на граѓаните кои палат на отворен простор – информира командантот на тетовската пожарна, Ука Алити.

Во СВР Тетово во текот на првите шест месеци од годинава, заклучно со денеска, 24 јуни бројот на пријавените пожари на ова подрачје изнесува 54 на отворен простор, во поле, шумски предели и други места.

Во два од нив се регистрирани две човечки жртви, една на гостиварските и една на тетовските простори. Речиси во сите пожари, пак, причинета е значителна материјална штета. Секторот за внатрешни работи Тетово  апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња со цел да се избеге појава на пожари – истакнува портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Од полицијата потсетуваат дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Минатата 2020 година на подрачјето на СВР Тетово вкупно биле пријавени 112 пожари, најмногу во летниот период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.