Пожарникарскиот камион кон Галичник мораше да биде влечен со друго возило за да стигне до пожарот кој попладево избувна над селото, и кој засега сè уште не е локализиран.

Претходно, хеликоптерот на Армијата кој се упати да учествува во гаснењето на шумскиот пожар над селото Галичник, не можел да дејствува заради многу силниот и променлив планински ветер, соопшти Центарот за управување со кризи.

 

Армискиот хеликотер со опрема за гаснење пожар е во близина на Галичник. Стигнал во најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер. Хеликоптерот е приземјен на најблиско можно место до Галичник и екипажот е подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар, се наведува во соопштението.

Претходно ЦУК информира дека денеска околу 13:30 часот добил информација за шумски пожар над селото Галичник.

Според ЦУК, пожарот зафатил борова шума на непристапен терен и заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото Галичник, но истовремено и за силите ангажирани за негово гаснење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.