Полицајците од Струга кои вчера во центарот на градот биле нападнати се во стабилна состојба. Двајцата полицајци биле нападнати од група од десетина напаѓачи. Извори од Струга тврдат дека додека полицајците биле тепани од групата, дел од набљудувачите повикувале на нивно убиство, а ниту еден од присутните граѓани не се обидел да ги спаси или да ги смири напаѓачите.

МВР во своето официјално соопштение денеска вели дека полицајците биле нападнати откако биле опколени од голема група граѓани.

На 29.07.2019 година околу 17 часот, на улицата „Ристо Крле“ во Струга нарушен е јавниот ред и мир со напад врз службено лице при вршење службени дејства. Притоа, приведени се А.К.(38), Д.К.(35), двајцата од струшкото село Џепин како и Л.Б.(29) од Струга. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава”, соопшти денеска портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Инцидентот се случува откако последниве две години имаше неколку сериозни напади врз полицајци.

Според изворите полицајците вчера во Струга спасиле жива глава само затоа што еден од нападнатите успеал да повика полициско засилување пред да биде турнат на земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.